Мицкоски: Со планот за инвестирање во Кочани ќе се реконструира и кочанската Општа болница

Кочани останува прв приоритет за Владата. Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека се прават сите напори за да им се помогне на повредените од пожарот во дискотеката Пулс. Во однос на условите во кочанската болница, Мицкоски кажа дека во Македонија во моментот има болници со многу полоши услови.

„Што се однесува до условите во кочанската болница, можам со жалење да констатирам дека во Македонија во моментот во болниците има и полоши услови. И за жал ние во овие 11 месеци не успеавме сите болници, се што е уништено изминативе децении да го реновираме. Но, апсолутно се прв приоритет тие луѓе и тоа го покажавме.“ – вели Мицкоски.

Во меѓувреме се прави план со европската комисија за целосно инвестирање во Кочани. Проектот кој најверојатно ќе биде именуван како „Кочани 2030“ опфаќа јасен план со кој ќе се реконструира општата болница во Кочани, но и училишни згради, спортски сали, патна инфраструктура и слично.

„Јас во разговори со претседателката на европската комисија, разговаравме да имаме заедничка акција, меѓу Европската комисија и Владата да направиме еден јасен план за Кочани, можеби ќе го именуваме како „Кочани 2030“ во кој ќе вложиме огромна сума пари за реконструкција на ваков тип објекти меѓу кои и кочанската болница, но и на други објекти, училишта, спортски сали и слично.“ – додава Мицкоски.

Инаку, во кочанската болница се вршат физикални терапии на повредените од пожарот во дискотеката Пулс. Тимови лекари има од Штип и од Скопје, но недостасува медицински кадар кој ќе помага во негата на повредените.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет