
Засилените сообраќајни контроли за возачите на електрични тротинети продолжуваат низ целата држава, а во периодот од 18 мај до 31 јули 2026 година полицијата констатирала вкупно 965 прекршоци.
Во акциските контроли спроведени од Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи биле опфатени возачите на лесни електрични возила, односно електрични тротинети.
На подрачјето на СВР Штип биле регистрирани 18 прекршоци, со што Штип се најде меѓу градовите во кои полицијата преземала мерки против непочитувањето на сообраќајните правила од страна на возачите на електрични тротинети.
Најголемиот дел од прекршоците на национално ниво – 519, се однесуваат на непрописно движење, односно возење по површини наменети за пешаци, наместо по велосипедска патека или лента, како што е предвидено со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Најмногу прекршоци се констатирани на подрачјето на СВР Битола – 443, потоа следуваат СВР Струмица со 112, СВР Скопје со 90, СВР Тетово со 86, СВР Велес со 73, СВР Охрид со 59, СВР Куманово со 45 и СВР Штип со 18 прекршоци. Дополнителни 39 прекршоци биле констатирани од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од МВР информираат дека за сите констатирани прекршоци се преземени соодветни мерки и санкции согласно законските прописи.
Од полицијата апелираат до возачите на електрични тротинети доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, да ги користат пропишаните површини за движење и да не ја загрозуваат безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот.
Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.