
ФК Пелистер продолжува да го засилува ростерот за новата сезона, а клубот денеска официјално го потврди трансферот на искусниот офанзивец Иван Ивановски.
Триесет и едногодишниот Ивановски во Битола пристигнува со сериозно искуство од македонскиот фудбал, а последен клуб му беше Тиквеш. Во својата кариера настапувал и за Силекс, Гостивар, како и за босанскиот Звијезда Градачац, додека има и интернационално искуство од настапите за Ал-Рамта во Јордан.
Ивановски игра на позицијата десно крило, но може да одговори и на левата крилна позиција, како и во шпицот на нападот. Токму неговата поливалентност и искуство би требало да бидат голем плус за составот на Пелистер.
Во досегашната кариера Ивановски има настапувано во повеќе македонски клубови, а со Тиквеш во сезоната 2023/24 стигна и до освојување на Купот на Македонија.
Сега следниот предизвик за искусниот офанзивец е во зелено-белиот дрес.
„Иван Ивановски е зелено-бел!“, порача ФК Пелистер, најавувајќи го новото засилување кое треба да донесе дополнителен квалитет и искуство во нападот на битолскиот клуб.