
Младата и успешна борачка Андреа Нисева од Штип, ги започнува подготовките за Светското првенство за кадети кое ќе се одржува во Атина, Грција, но со оваа започнуваат и подготовките за предизвиците кои ќе следуваат во иднина.
„Во наредниот период Андреа ја очекуваат пеколни подготовки, бидејќи ќе настапи на Светското првенство за кадети кое ќе се одржи во Атина, Грција, а се подготвува и ќе се темпира формата за идната година за Младинските Олимписки игри, кои ќе се одржат во Дакар, Сенегал“, вели Петар Тодев од БК Олимпија.
Подготовките за Светското првенство за кадети Нисева ќе ги започне на 1 јули, а потоа ќе продолжат подготовките за Младинските Олимписки игри кој ќе бидат во 2026 година.
„Од 1 јули почнуваат подготовките за Светкото првенство кое ќе се одржи од 31 јули до 3 август. Подготовките ќе траат од 1 јули до 28 јули, по Светското првенство кое воедно ќе ми биде и прво Светско првенство и нов предизвик, потоа имаме пауза од седум дена и продолжуваме со подготовка за 2026 година за Младинските Олимписки игри, кои ќе се одржат во Дакар, Сенегал. Овие подготовки ќе бидат 200 дена и моите тренери веќе ја имат направено програмата. Најпрво имаме подготовки во Дојран, потоа во Турција 15 дена, во Казахстан 20 дена, потоа имаме Балканско првенство кое ќе се одржи во Романија, имаме базични подготовки кои ќе се одржат во Бугарија, 15 дена во декември и 15 дена во јануари. Потоа следуваат контролни борби и контролните турнири во февруари, како на пример контролен турнир во Шведска во февруари, Белорусија во март и во април во Загреб, Хрватска и во мај во Анталија, Турција“, вели Нисева.
За младата Нисева ова ќе биде исклучително набиена агенда кога се во прашање подготовките и учеството на големите спортски настани, но како што вели со дисциплина и мотивација може да се совлада секој предизвик.
„Најпрво со дисциплина, потоа со мотивација и желба за поголем успех и континуитет се трудам да ги постигнам сите овие цели и предизвци“, дополнува Нисева.
На Светското првенство за кадети ќе има силна конкуренција, како што вели Нисева тука ќе бидат најдобрите натпреварувачи.
„Секако на Светското првенство ќе се очекува силна конкуренција, бидејќи таму одат само најдобрите, талентирани деца“, додава Нисева во изјава за М Нет.
Нисева очекува дека ќе има успешни подготовки, максимално подготвена ќе го даде својот максимум за да ги постигне најдобрите резултати.
Александар Ванев, М-Нет