
Започна предизборниот молк за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15. јули. Денес, на два дена пред официјалниот датум во Општина Штип гласаат 30 заболени со КОВИД 19 кои се во домашна изолација, и тоа во присуство на посебно за тоа формирани избирачки одбори.
Утре, во домашни услови ќе гласаат 216 болни и немоќни лица, веќе пријавени во ОИК Штип.
Исто така, за утре е предвидено да гласаат и штитениците од КПД Штип. Во ОИК Штип не е доставен список со гласачи во затворот, а од директорот на штипскиот затвор, Мики Тодоров, МНет.мк дознава дека во КПД се евидентирани 195 активни осуденици кои би требало да гласаат, но немаат информација дали сите имаат право на глас. Исто така, Тодоров рече дека 16 од затворениците се во бегство.

Во однос на условите со кои според инструкциите од ДИК треба да располагат, Тодоров рече дека веќе е одредена просторија со соодветна квадратура, каде ќе може да циркулираат гласачите од затворот. Просторијата има можност за проветрување, ќе се придржуваат кон сите мерки и ќе нема можности за било каков проблем, истакна Тодоров.
Од претседателката на ОИК Штип, Сенка Андреевска, дознаваме дека вкупниот број на гласачи во Штип, евидентиран од ДИК, изнесува 39564, а на посебниот список има 2176 гласачи.

Истите ќе гласаат на 80 избирачки места, со тоа што оние кои гласале во избирачко место 2287 ќе гласаат во 2285, од 2289 ќе гласаат во 2284 и од 2304 ќе гласаат во избирачкото место 2301.
Овие измени се согласно новиот правилник доставен од страна на ДИК, во однос на соодветни услови за гласање, при што од страна на штипската ОИК направени се промени за 14 избирачки места. Андреевска рече дека овие измени се поради новите услови наложени од ситуацијата со КОВИД 19, и тоа објектот каде ќе се гласа да има максимум 30м2 и да има кружно движење на гласачите.
Според одлука на ДИК, а во согласност со новите мерки, гласањето во среда ќе започне во 7 часот, и ќе трае до 21 часот.
Два часа повеќе се овозможени за сите избирачи да имаат можност да го остварат своето право на глас.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк