Градскиот парк во Кочани ќе добие нов изглед

Мултифункционален поплочен простор, односно платформа со урбана опрема на кој ќе може да се одвиваат различни настани, собири, концерти, претстави, изложби на отворено, со можност за поставување на бина и монтажни трибини, збогатена со зелена површина со дефинирани растенија и цветни површини, фонтана, простор за седење со повеќе клупи, осветлен со нови канделабри.

Сето ова е предвидено со проектната документација за реконструкција на Градскиот парк во Кочани. Изработувачот е избран по јавен повика за доделување договор за јавна набавка на услуги.

За изработка на проектнaта документација за реконструкција на Градскот парк во Кочани предвидени се 418.900 денари од Буџетот на Општина Кочани.

Со реконструкцијата на Градскиот парк треба да се нагласат функционално-естетските вредности важни за остварување на урбан идентитет на центарот на градот. Сите елементи според формата и изгледот треба да преставуваат една функционална целина која ќе има однос кон околната реализирана структура и ќе претставува логично надоврзување кон неа.

Она што е значајно за проектот е дека во паркот ќе се задржат постојните дрвја и зеленило, низ кое се предвидува нова пешачка патека, каде ќе биде поставена урбана опрема и соодветно осветлување. На шеталиштето покрај кејот на реката, кое ќе продолжи јужно до ул. „Никола Карев“, ќе се постави урбана опрема, а кон реката ќе се предвидат амфитеатрално поставени скали обложени со дрвени седалки.

Исто така, според описот на проектната задача, пред Центарот за култура ќе се задржат дрвјата во зелен остров, а спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче ќе се дислоцираат кај влезот од источната страна. Предвиден е нов централен пристап од јужната страна во Центарот за култура „Бели мугри“, што ќе овозможи брз проток на луѓе. Пред објектот на „Бели мугри“ ќе биде поставена фонтана со распрскувачи, односно млазеви вода кои ќе се распрскуваат од подот кон горе. На местото на постојните трафики, покрај кејот, ќе се постават унифицирани павилјони.

Завршната обработка на  паркот е предвидено да се изработи со гранитни плочи, а рокот за изработка е три месеци по склучувањето на договорот со изработувачот.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк