СВР Штип со засилено полициско присуство за Пастрмалијадата и концертот на Жељко Јоксимовиќ

Штип во следните два дена ќе биде во знакот на „Штипска Пастрмалијада 2026“, а поради очекуваниот голем број посетители, СВР Штип презема превентивни мерки за безбедно и непречено одвивање на манифестацијата.
Пастрмалијадата ќе се одржи на 18 и 19 септември на шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде се очекува присуство на голем број граѓани од Штип, посетители од други градови, но и гости од странство.
Дополнително, на 19 септември на Градскиот стадион во Штип ќе се одржи големиот концерт на српската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, што дополнително ќе го зголеми бројот на посетители во градот.
Од СВР Штип информираат дека за обезбедување на настаните ќе бидат ангажирани зголемен број полициски службеници, кои ќе бидат повидливо присутни на теренот.
Зголеменото полициско присуство, како што посочуваат од СВР Штип, пред сè ќе има превентивен карактер, со цел спречување на кривични дела и прекршоци и обезбедување безбедна атмосфера за сите посетители.
Од полицијата упатуваат апел до граѓаните и гостите да се однесуваат одговорно, да ги почитуваат законските прописи, сообраќајната сигнализација и насоките на полициските службеници.
Посебен апел е упатен до штипјани, доколку имаат можност, во текот на манифестацијата да го намалат непотребното користење на моторни возила, особено во сабота, 19 септември, и во периодите кога се очекува најголема посетеност.
Со тоа, според СВР Штип, ќе се придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и полесно и побезбедно движење на граѓаните и гостите.
Од СВР Штип очекуваат заеднички придонес од сите граѓани „Штипска Пастрмалијада 2026“ и концертот да поминат во безбедна, мирна и пријатна атмосфера, со Штип уште еднаш да се покаже како град на гостопримството и добри домаќини.