Фолклорниот фестивал „Фатени за раце го менуваме во светот“ вчеравечер одржан во Штип

„Фатени за раце го менуваме светот“ е фолклорниот фестивал кој вчеравечер ги поврза културно-уметничките друштва и лицата со попречености во Штип. Целта на Фестивалот е да се разбијат стереотипите и предрасудите за овие лица, а да се обезбеди нивно прифаќање и интеграција во општеството. Специјалните едукатори велат дека подготвувањето не било тешко.

„Не, членовите со задоволство ги прифатија децата и тие многу лесно ја исполнија задачата. За кратко време ги извежбавме ората. Инаку, целта на Фестивалот е да помине во традиција, тој беше претставен во Кавадарци, па во Велес, сега Штип е домаќин. Ќе завршиме во Неготино, но целта ни е да биде традиционален и да се прошири на ниво на Република Македонија“, истакна Јуле Кујунџиева, специјален едукатор во училиштето „Искра“.

Настанот се одржа во НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип, што според директорот, Горан Трајков, е од големо значење за нив како институција. Основната порака која се пренесува на овој начин е општеството да се исчисти од осуда и предрасуди.

„Сме среќни што можеме сите заеднички на еден настан да ја промовираме инклузијата и да го промовираме другарството помеѓу овие деца и нивните врсници. Тоа ни дава за право да бидеме среќни што инклузијата конечно ја гледаме на дело, затоа многу училишта се заслужни. Ние како институција го поддржуваме тоа и правиме доста напори во тој дел, покрај обезбедување услови за престој на настаните, важна ни е и соработката со овие училишта, којашто ни е на едно повисоко ниво“, вели Трајков.

Организатор на фестивалот беше Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“ од Штип, а учествуваа и училишта со посебни паралелки од Кавадарци и Велес, како и дневни центри за лица со посебни потреби и културно – уметнички друштва од Штип, Кавадарци и Неготино.

Ребека Спасова М-Нет