Дел од општинските услуги ќе се дигитализираат во сите Општини од Источниот Регион

Општините од Источно-планскиот Регион координирано ќе ги дигитализираат општинските услуги. Од барање до плаќање ќе се дигитализира процесот за легализација, како и сите надлежности на одделението за комунални дејности. Граѓаните ќе може дигитално да поднесуваат најразлични барања, но и фирмите и јавните претпријатија.

„Дигитализацијата е по неколку основи. На пример, при легализација на објект, барањето и плаќањето ќе се врши по електронски пат. Предвидено е овде да се добиваат и сите барања за парична помош, барања за поставување урбана опрема на јавна површина, како за угостителските објекти, така и за оние кои одржуваат настани на јавен простор, поставуваат шатори и бини. Исто така, јавните и државни претпријатија, но и фирмите кои вршат прекопи и поставуваат инсталации по електронски пат ќе ги доставуваат барањата. Граѓаните, пак, ќе може да доставуваат и барања за изградба на тротоари, променана улично осветлување и друго“, вели Вишна Шорова – Ангелова, секретар на Општина Штип.

Општина Штип нема да има никакви финансиски издатоци, освен да се вклучи во реализација на проектот. Платформата која ќе ги дигитализира општинските услуги веќе е изготвена и се тестира, а по тест периодот се очекува да биде ставена во функција на граѓаните најдоцна за еден месец.

„Како што веќе имаме донесено првична одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка, се однесува меѓу општина Штип и сите останати општини од нашиот Источно плански регион, а се однесува на проектот за дигитализација на општинските услови во ИПР. Ние како општина немаме никави финнасиски издатоци освен да го релизираме проектот и да склучиме меѓуопштинска соработка“, вели Никола Илиев, вработен во Општината.

Одлуката за меѓуопштинска координација во насока на дигитализација на општинските услуги веќе ја донесе Советот. Штипските советници гласаа и за именување заедничка комисија како и именување на членови на комисијата. Проектот е финансиран од УНДП, а со него раководи Центарот за развој на Источно планскиот Регион.

Ребека Спасова М-Нет