
Форумот на жени на СДСМ во Штип со марш ја пренесе пораката за борба против ракот на дојката. Во рамки на месецот на свесност, здравствената кампања се состоеше од повеќе активности во розова боја во знак на поддршка и подигнување на свесноста.
„Формуот на жени на СДСМ Штип овој месец регистрира повеќе настани коишто се поврзани со борбата против ракот на дојката. Имавме розова аукција, од која средствата ги дониравме на жени од нашата локална заедница кои се борат со оваа подмолна болест. Минатата недела организиравме трибина за превенција од ракот на дојката, а денес организиравме марш во централното градско подрачје каде наш гостин е вицепремиерката, Славица Грковска“, истакна Ленче Рунтева, претседателка на Форумот на жени на СДСМ – Штип.
Вицепремиерката, Славица Грковска, посочи дека со ваквите активности би се поттикнала свесноста за борба против болеста и раното откривање на истата, па поради тоа ќе следи интензивирање на истите.
„Денеска сме тука во Штип, со маршот да ја пренесеме пораката дека ова е сериозна болест, дека сите треба да се грижиме за нашето здравје, заради тоа што статистиките покажуваат дека оваа болест е петта по смртност. Ние усвоивме неколку мерки на седница на Владата, имавме посебна тематска седница за овие активности, за ова јавноста е веќе информирана и овие активности ќе се интензивираат“, истакна Грковска.
Апелот на маршот е ова да не биде само еден месец, туку во текот на целата година да се придружиме на ваквите активности и да дадеме поддршка на жените коишто се соочуваат со ова тешко заболување.
Ребека Спасова М-Нет