
Новата сезона во ракометната Суперлига во машка конкуренција ќе започне на 6 септември со натпреварите од првото воведно коло.
Шампионот Еурофарм Пелистер одбраната на титулата ја започнува со гостување кај Бутел Скопје, Алкалоид на домашен терен ќе го пречека Охрид, Вардар ќе гостува кај Струга.
Екипата на Радовиш новата сезона ја отвара со гостување кај Куманово, Прилеп ќе биде домаќин на повратникот Еурофарм Пелистер 2, Пролет отвара против Тиквеш на домашен терен.
Новата сезона ќе донесе квалитетен ракомет, екипите значително се засилуваат во борбата за титулата и излезот во Европа. Оваа сезона дефинитивно конкуренцијата ќе биде навистина голема како за титулата, така и за опстанокот, што ветува дека можеби новата сезона ќе го донесе и најквалитетниот ракомет, а клубови вложуваат сериозни финансиски средства и имаат значително зголемени буџети.
Во трката за титулата сериозно покрај Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид влегува и Охрид.
Новитот во новата сезона ќе биде тоа што сега бодовите од регуларниот дел ќе се пренесуваат во целост, а не како што беше досега кога екипите пренесуваат по три, два, еден и нула бодови.
Последната екипа испаѓа директно во Првата ракометна лига, а пак претпоследната преку бараж ќе бара опстанок, а во истиот ќе игра со екипата која ќе биде втора во плеј-офот на Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет