Советот на Општина Пехчево едногласно против изградба на дата-центар

Советот на Општина Пехчево едногласно ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар во градот. На денешната седница, сите девет советници гласаа против предлогот.

Против изградбата се изјаснија пет советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и коалицијата и еден советник од Движењето ЗНАМ, со што одлуката беше донесена едногласно.

Гласањето доаѓа по повеќенеделните реакции во јавноста околу најавениот проект и начинот на кој се одвивала постапката. Како клучни проблеми беа посочени недоволната информираност за инвеститорот, но и отворените прашања за потребите на објектот од аспект на потрошувачката на вода и електрична енергија.

Дополнителна загриженост кај граѓаните и активистите предизвикаа можните последици врз природата и животната средина. Беше упатена и критика дека јавноста, граѓаните и стручната фела не биле во доволна мера вклучени во процесот на одлучување.

Во изминатиот период, граѓански активисти активно се спротивставуваа на проектот и бараа запирање на постапката за изградба на дата-центарот.

По завршувањето на расправата, советничките групи порачаа дека заштитата на интересите на жителите на Пехчево мора да биде приоритет. Тие нагласија дека доколку во иднина се разгледуваат инвестиции од ваков тип, потребно е претходно да се обезбедат целосни и јасни информации, релевантни стручни анализи и целосно транспарентна постапка.

Ева Тушевска, М-Нет