
Новиот шампион Проект од Јосифово го подигна пехар и со тоа ја потврди својата фантастична сезона која ја заврши без ниту еден загубен меч и без ниту едно реми односно 18 победи од толку натпревари.
Сезона во која Проект ја обедини двојната круна откако успеа да го освои и Купот на Македонија каде во големото финале кое се играше во Гевгелија лесно го доби Кеги Моби.
Проект на домашен терен во Валандов со 10:1 славеше над Бутел и со висока победа ја затвори сезоната без пораз. Кеги Моби и Шкупи ремизираа играјќи 3:3 и ги поделија бодовите, а пак Балкан загуби од Јувентус Серава со резултат од 12:14.
Сезоната ќе биде затворена утре со два натпревари. Мал Ајакс утре во Штип ќе го одигра последниот меч како прволигаш против ланскиот шампион Форца и ќе се прости од прволигашкото друштво бидејќи од следната сезона ќе игра во Втората футсал лига.
Клими сезоната ја затвара во меч со Осогово од Крива Паланка.
Проект веќе фокусот ќе го става на европските предизвици, односно на квалификациите за Лигата на шампионите.
Александар Ванев, М-Нет