
Борачите на Борачкиот клуб Олимпија од Штип остварија одличен настап на меѓународниот турнир „Imperatore Adriano“, кој на 25 октомври се одржа во Тиволи, Италија. На натпреварувањето, на кое учествуваа околу 500 борачи од различни европски земји, штипскиот клуб освои вкупно шест медали – пет златни и еден бронзен.
Во конкуренција до 11 години, натпреварувачите на Олимпија се закитија со четири медали. Јована Нисева го освои златото во категоријата до 32 килограми, Вероника Зафирова беше најдобра во категоријата до 36 килограми, додека Јана Илиева во истата категорија се закити со бронзен медал. Софија Коштанова го освои првото место во категоријата до 41 килограм, а Илија Папазов беше најдобар во категоријата до 34 килограми.
Успехот на штипскиот клуб беше надополнет и во сениорска конкуренција, каде што Андреа Нисева го освои златниот медал во категоријата до 65 килограми. Лука Николов, исто така во категоријата до 65 килограми, го заврши настапот на петтото место.

Од БК Олимпија од Штип се задоволни од постигнатите резултати и од прикажаните борби на своите натпреварувачи. Сите борачи имаа по четири борби, што им овозможи да стекнат драгоцено меѓународно искуство и да ја проверат својата подготвеност во силна европска конкуренција.
„Сите наши натпреварувачи го дадоа својот максимум, прикажувајќи квалитетни борби, борбеност и напредок на техничко-тактички план. Настапот во Италија е од големо значење за нивниот понатамошен физички, техничко-тактички и ментален развој, како и за подготовките за претстојните балкански, европски и светски првенства“, истакнуваат од клубот.
Дополнуваат дека со резултатите од овој силен меѓународен турнир тие се задоволни.
„Задоволни сме од постигнатите резултати и од начинот на кој БК Олимпија – Штип беше претставен на турнирот. Овој успех е потврда за посветената и систематска работа на тренерскиот кадар, квалитетот на нашите натпреварувачи и примената на современите трендови во борењето“, додаваат од Олимпија.
Од клубот истакнаа дека продолжуваат да создаваат нова генерација борачи.
„Продолжуваме да градиме нова генерација борачи подготвени за највисоките меѓународни предизвици. Нашите долгорочни цели се освојување медали на балканските, европските и светските првенства, како и настап на Олимписките игри. Успехот во Тиволи претставува дополнителен мотив да продолжиме со квалитетната работа и развојот на младите спортски таленти“, порачуваат од БК Олимпија – Штип.