
Продолжува битката за второто место во плеј-офот на Првата ракометна лига, за тоа кој да игра бараж за влез во ракометната Суперлига на Македонија.
Еурофарм Пелистер 2 е на првото место со 24 бодови, но тимот има два заостанати натпревари кои дополнително ќе го одигра и сигурно е дека битолчани експресно се враќаат во Суперлигата.
Мулти Есенс е на второто место, ланскиот суперлигаш има 21 бод на своето конто и оди кон тоа да го освои второто место и да игра бараж за експресно враќање во Суперлигата. Овој тим пак има два меча повеќе во однос на Еурофарм Пелистер 2, но и од Македонија ЃП, која е трета.
Екипата на Македонија ЃП има 17 бодови на своето конто со два натпревари помалку во однос на Мулти Есенс.
На четвртото место е Младост од Богданци, тимот има 16 бодови, но и два меча повеќе во однос на Македонија ЃП, а Драчево е на петото место со 15 бодови и меч помалку.
Во однос на останатите екипи Вардар Неготино е шести со 10 бодови, Овче Поле е седми со 9 бодови, Метарлуг РА е осми со осум бода, Скопје е претпоследен со шест бода, а пак Јехона е на дното односно десетта со четири бодови.
Како што е познато првопласираната екипа директно оди во Суперлигата, а пак второпласираната екипа игра бараж за можен влез во Суперлигата со екипа која ќе биде претпоследна во суперлигашкиот плеј-аут.
Александар Ванев, М-Нет