Македонските одбојкари стартуваат со подготовки во Струмица за ЦЕВ Златната Европска лига

ФОТО: ОФМ

Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија утре ќе ги започне подготовките за престојниот настап во ЦЕВ Златната Европска лига 2025. Првата прозивка е закажана за 13:30 часот во Струмица, каде селекторот Јошко Миленкоски ќе ги собере репрезентативците, а повикани се 16 репрезентативци.

Според планот, селекцијата ќе тренира во спортската сала „Парк“ во Струмица во текот на следната седмица. Потоа, тимот ќе отпатува за Марибор, каде на 24 и 25 мај ќе одигра две контролни средби против Хрватска, во рамки на подготовките за главните натпревари.

Во годинешната Златна Европска лига ќе се натпреваруваат 12 национални репрезентации односно Македонија, Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел. Натпреварувањето повторно ќе се игра по „швајцарски систем“, со три турнири, при што секоја селекција ќе биде домаќин на еден од нив.

Македонија ќе го отвори натпреварувањето од 6 до 8 јуни во Братислава против Словачка и Финска. Втората фаза ќе се игра од 13 до 15 јуни во Рига, каде противници ќе бидат Летонија и Грција. Завршниот турнир од групната фаза, македонската селекција ќе го игра на домашен терен – од 20 до 22 јуни во Струмица, каде ќе се соочи со Црна Гора и Израел.

По трите турнири ќе се формира заедничка табела, а најдобрите четири репрезентации ќе обезбедат пласман на финалниот турнир што ќе се одржи на 5 и 6 јули во Брно, Чешка.

Македонија од 2014 година редовно настапува на европските одбојкарски натпреварувања и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.

Александар Ванев, М-Нет