Прилеп добива нова фудбалска приказна, формиран ГФК Победа, Мирчески шеф на стручниот штаб

Прилеп добива нов фудбалски клуб. Официјално е формиран Градскиот фудбалски клуб Победа – Прилеп (ГФК Победа), кој со амбициозна визија ќе го започне својот пат од најниското ниво на македонскиот фудбал.
Новоформираниот клуб во својата прва сезона ќе се натпреварува во Третата македонска фудбалска лига, со цел постепено да гради стабилен и организиран фудбалски колектив кој во иднина би требало да има значајна улога на прилепската фудбалска сцена.
За шеф на стручниот штаб е назначен Филип Мирчески, добро познато име за прилепската фудбалска јавност.
Посебен акцент во работата на ГФК Победа ќе биде ставен и на младинскиот погон. Во регрутацијата и развојот на младите категории, пионери и кадети, ќе биде вклучен Тони Наумоски. Клубот планира да работи и со фудбалери од генерациите 2010, 2011 и 2012, кои постепено треба да се развиваат и во иднина да бидат основа на сениорскиот тим.
Првиот официјален тренинг на новиот клуб е закажан за денеска, на стадионот со вештачка трева во населбата Типски, каде во почетниот период ќе се одвиваат тренинзите на екипата.
Од клубот потенцираат дека пред нив е долг пат и дека ГФК Победа ќе се гради чекор по чекор, со желба да се создаде стабилна и успешна фудбалска средина на која Прилеп ќе биде горд.
Во почетниот период функционирањето на клубот ќе се темели на донации, спонзорства и поддршка од сите љубители на фудбалот кои веруваат во новата идеја.
Со формирањето на ГФК Победа, Прилеп добива нов проект кој треба да го врати фокусот и кон младите фудбалери и постепено да создаде нова генерација која ќе го носи прилепскиот фудбал во иднината.