
Комисијата за хартии од вредност ја одобри обврзницата за Општина Штип, која е првата општинска оврзница на домашниот пазар. Решението беше донесено на 167. седница, на која се издаде Решение со кое на Општина Штип и се даде одобрение за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда. Општинските обврзници ќе бидат со вредност од 500 евра, а купувачи може да бидат домашни и странски физички и правни лица. Сите информации поврзани со издавачот и со општинските обврзници ќе бидат содржани во Проспектот , кој што јавно ќе биде објавен од страна на Општина Штип.
„Општина Штип ќе издаде 8.000 општински обврзници со поединечна номинална вредност од 500 евра и вкупна номинална вредност од 4.000.000 евра. Рокот на доспевање на издадените обврзници е седум години од денот на регистрирање на обврзниците во Централниот депозитар. Општинските обврзници се со фиксна годишна каматна стапка во износ од 4,75%. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната камата, односно по истекот на седум години од датумот на регистрирањето на обврзниците.“ – велат од КХВ.
При запишувањето и распределбата на обврзниците, издавачот се определи да го применува моделот на фиксна цена со давање приоритет на налози со помала количина и порано време на внес на налог, се вели во соопштението од Комисијата. Понудата се смета за успешна доколку се запишат и уплатат најмалку 60% од понудените обврзници.
Инаку, КХВ ја одобри оваа емисија, откако Општина Штип доби согласност од Министерството за финансии за нејзино задолжување и ги исполни законски утврдените услови за издавање на општински обврзници. Постапката ќе започне откако во сила ќе влезе Одлуката на Владата на Република Северна Македонија, со која се одобрува максималниот износ на новото задолжување на издавачот.
Ребека Спасова М-Нет