Кровот на штипската гимназија нема да се реконструира оваа година, договорот раскинат

Завршен објавениот јавен повик, избрана фирма изведувач на јавен тендер, но стопиран процесот за реконструкција на кровот во штипската гимназија. Проблемот се провлекува веќе една деценија, се сменија неколку директори, но истиот не се реши. Договорот со кој требаше да се надмине овој проблем во училиштетото е раскинат, обострано како што вели директорката Весна Ристова. Тоа значи дека до крајот на оваа година, кровот нема да биде рекоструиран, а парите ќе се пренаменат. На прашањето за што ќе бидат употребени овие средства во висина од околу 3 милиони денари, Ристова во текофонски разговор за М-Нет телевизија истака на приоритени проекти.

„Реконструкција на кровот на Гимназијата „Славчо Стојменски“ до крајот на оваа година нема да се изврши. Ние менаџерскиот тим на училиштето, јас како прв човек обострано со фирмата која го доби тендерот го раскинавме договорот. Причините за ова се објективни, најпрво се работи за безбедоста на учениците, бидејќи тие сѐ уште се на настава. Ако започне реконструкцијата на кровот, ќе се појават и пропратни проблеми со кои верувам дека наставата ќе мора да се прекине, а тоа не е добро за никој. Средствата ќе се пренаменат за други инвестиции.“ – кажа Ристова.

Според директорката најповолен период за реконструкција на кровот на штипската гимназија би бил летниот распуст бидејќи има поголем временски период да се работи на истиот, а истовремено нема да биде попречен процесот на настава.

Инаку, проект за реконструкција на кровот во гимназијата имаше и минатата година кога во директорската фотелја беше Тамер Јамаковски. Тој за М-Нет телевизија потврди дека имало јавен повик, имало избрана фирма која ќе работи, но тоа не се случи бидејќи беше променет од функцијата директор.

„Јавен повик имаше распишано и минатата година кога јас бев директор на Гимназијата. Беше избрана фирма изведувач, ама проектот се стопираше, бидејќи на 10 декември јас бев променет од директорската функција. Што се случувало понатаму, искрено, не знам.“ – додава Тамер.

За проблемите со кровот во гимназијата неколкупати реагираа и учениците и родителите, кога ветерот ја подигаше кровната конструкција и преставуваше опасност за сите.

Лаура Стојанова М-Нет