За 2.600 денари повисока плата добива општинската администрација во Општина Штип

Штипската општинска администрација добива плата повисока за 2.600 денари. Според претседателот на Синдикалната организација, Борче Везенков, станува збор за усогласување согласно со покачената минимална плата, што веќе било регулирано со колективниот договор кој беше потпишан во месец септември. Везенков вели, станува збор за стотина вработени со високо образование кои се на позициите соработници и советници.

„Согласно со колективниот договор што го потпиша Општина Штип, односно градоначалникот со Синдикалната организација при Општината, тоа е изедначување со минималната плата. Пред одреден период беше качена минималната плата, знаете дека тие што земаа под 18.000 денари, добија плата од 18.000 денари. Со ова порамнување со минималната плата, тие што тогаш добија покачување, сега им се само израмни платата со другите службеници во Општина Штип“, истакна Борче Везенков, претседател на Синдикалната организација.

Колективниот договор ги уредува и исплаќањето на јубилејните награди, отсуствата, празниците и сѐ она што им следи на вработените според Закон. Везенков вели, во следниот период Синдикалната организација ќе работи и во таа насока.

„Во наредниот период исто така ќе имаме и други активности околу другите права на работниците, односно јубилејни награди, отсуства, празници, сѐ што треба согласно со Законот и законските прописи. Тоа сѐ е регулирано со колективниот договор кој е потпишан во септември оваа година“, додаде Везенков.

Иако општинската администрација добива повисока плата, случајот не е таков и кај вработените во двете јавни претпријатија, „Исар“ и „Стипион“. Како што вели Везенков, причината за ова е тоа што тие имаат посебни менаџерски тимови и се независни од Општина Штип.

Ребека Спасова М-Нет