
Екипата на Кожуф конечно ја совлада Брегалница која доминира во меѓусебните дуели од 2008 година наваму. Тимот од Гевгелија во саботата во рамки на 16. коло на Втора лига, со кое беше отворен пролетниот дел славеше со 2:0, а на оваа победа се чекаше од 25 ноември 2017 година, Кожуф тогаш славеше над Брегалница со 4:1.
Двете екипи од 2008 година досега се соочиле дваесет пати, од кои четири средби биле пријателски, останатите во рамките на Втората лига. Брегалница дури 13 пати била подобра, а пак Кожуф двапати вклучително победата од саботата, додека пак пет средби завршиле без победник.
Победата е клучна и важна за Кожуф кој се бори за директен опстанок во Втора лига и доаѓа во вистински момент како голем мотив за продолжението од вториот дел од шампионатот.
„Благодарност до публиката за поддршката посебен поздрав до навивачката група „Фантоми“ коишто безрезервно ни даваат поддршка на секој домашен натпревар. Тежок тврд натпревар двете екипи влегуваме со различни амбиции во првенството, но на крај можам да кажам дека заслужено триумфиравме и едно мое видување е повторно ќе кажам еден тврд натпревар во кој што ние ги искористивме нашите шанси и на крај успеавме да дојдеме до многу значајни три бода, а на Брегалница и посакувам се најдобро во иднина и да си ги оствари посакуваните цели“, вели Иван Варадиновски, тренер на ФК Кожуф.
Кожуф го задржува деветтото место со 25 бодови, но го следи чекорот на конкурентите за директен опстанок, а пак Брегалница останува трета со 33 бодови. Во следното коло Кожуф ќе има тешко гостување кај одличниот Новаци кој сака да го напаѓа третото место кое води кон баражот за Прва лига, односно позицијата на Брегалница.
Александар Ванев, М-Нет