
Штипјанката Андреа Нисева по петти пат стана балкански првак, по петти пат младата и талентирана борачка успева да го освои златото, што само по себе потврдува за каков талентиран спортист се работи.
Нисева која важи за голема надеж на борење, а од која доправа се очекуваат уште поголеми успеси, вели дека конкуренцијата била тешка, а нејзиниот предизвик бил да се освои златниот медал петти пат во низа. Како предизвик било и тоа што ја променила категоријата.
„Конкуренцијата беше тешка, направив пет борби во кои се соочив со натпреварувачки од Турција, Бугарија, Израел, но поради добра подготовка со моите тренери и со моите клупски пријатели, по петти пат по ред го освои првото место на Балканското првенство. Се разбира ова беше исто така и голем притисок, ми беше важно да ја задржам таа титула, поради тоа што да се стане петти пат по ред балкански првак не е нешто лесно, бидејќи сите очи се кон тебе. Исто така ја променив и категоријата тоа е 65 килограми, исто така и тоа беше тешко. Противничките се тешки, не е лесно таа промена. Следен предизвик ми е наредната година кога ќе бидат полнолетна, кога ќе имам 18 години ќе имам право во конкуренцијата на жени т.е. сениорска конкуренција, таму нема да има простор за грешки, ќе биде голем предизвик и заедно со моите тренери ќе се трудиме да го извлечеме најдоброто“, вели Нисева.
Како што вели Нисева, финалната борба била најтешка, бидејќи тоа било и борбата која одлучувала дали ќе успее по петти пат да го освои златото.
„Финалната борба дефинитивно беше тешка, поради тоа што со противничката се знаеме и поради тоа што финалната борба одлучуваше дали златото што сум го имала веќе во претходните четири години, дали повторно ќе го имам и оваа година“, дополнува Нисева.
Младата Нисева вели дека желбата на секој спортист е настап на Олимпијада и олимписко злато, нешто кон што ќе цели во иднина.
„Секако желба на секој спортист е Олимпијада, олимписко злато, истата желба ја имам и јас, но да не се брза, со континуитет, работа и огромна желба и доверба која ја имам јас и моите тренери во мене се надеваме и на злато на Олимпијада“, истакна Нисева.
За штипјанката ова е огромен успех, да се биде балкански првак петти пат во низа, успех за кој треба многу желба, работа, труд, посветеност на секој тренинг.
Сега фокусот на Нисева се насочува кон другите предизвици кои ќе ги има до крајот на годината, како и подготвките за поголемите настапи следната 2027 година.
Александар Ванев, М-Нет