Штипјанката Наташа Донева се бори за здравје и за своите две мали деца


„Можете ли да замислите како му е на моето петгодишно дете кога ќе ме види како добивам епилептичен напад и паѓам?“ – со овие потресни зборови Наташа Донева од Штип ја раскажува својата борба со сериозната здравствена состојба со која се соочува.
Наташа е мајка на две мали деца – петгодишно дете и 17-месечно бебе кое штотуку ги направило своите први чекори. Наместо безгрижно да ужива во нивното растење, таа секојдневно се бори со болки, вртоглавици и епилептични напади.
Кај Наташа е дијагностициран каверном во мозокот со големина од 10 милиметри – сплет од неправилно оформени крвни садови кои можат да крвават. Таа се соочува со крвавења, силни главоболки, притисок во главата, заматен вид и повремена вкочанетост на нозете. Има и епилептични напади при кои паѓа.
Најтешко, како што вели, е кога нејзините деца се сведоци на тие моменти.
„Исплашено трча кај татко му и вика: ‘Дојди, мама падна!’ Потоа ме гледа со тага и страв. А јас сум неговата мајка, сакам да направам сè за моите деца, но во тие моменти не можам да си помогнам ни себеси“, раскажува Наташа.
Според лекарите, поради местоположбата на каверномот, постои ризик да бидат загрозени говорот, паметењето и движењето. Наташа вели дека тоа за неа е особено страшно, бидејќи нејзините деца токму сега имаат најголема потреба од неа.
И покрај болките, таа се обидува да биде покрај нив. Но има денови кога главоболките се толку силни што не може ниту да стане од кревет. Тогаш грижата за децата ја преземаат нејзиниот сопруг и неговиот татко.
Лекарите ѝ препорачале операцијата да се изврши што е можно поскоро, бидејќи одложувањето, според информациите што ги добила, може да има сериозни последици по нејзиното здравје и движењето. Сè уште нема одреден датум за операцијата, а за лекувањето во Турција е потребна сума која семејството не може самостојно да ја обезбеди за краток период.
Наташа не бара многу – сака повторно да може да оди во природа со своите деца, да ги гледа како си играат во парк и да биде покрај нив додека растат.
„Ве молам, помогнете ми да се лекувам и да се вратам жива и здрава кај моите деца и сопругот. Сакам да бидам покрај нив кога ќе го слушнам: ‘Мамо, јас те сакам бескрајно’.“
За Наташа, секоја донација и секое споделување се чекор поблиску до целта – повторно да биде здрава и да продолжи да ги следи првите чекори на своето најмало дете, но и сите оние што допрва следуваат.
„Секоја донација и секое споделување ми значат многу. Ви благодарам на сите и помолете го Бог за мене.“

Линк за донирање:

https://pavelandreev.org/mk/campaign/natasa-majka-na-bebe-i-petgodishen-sin-ima-krvarenja-vo-mozokot-i-napadi-potrebna-e-itna-operacija