
36 кревети за неколку оддели доби Клиничката болница во Штип пред два дена. Станува збор за донација од германска болница во координација со наши иселеници таму, а креветите се веќе распоредени по соодветните оддели, од кои најмногу на Одделот за инфектологија.
„Се работи за донација од болницата „Батхерсфелт“, да ја искористам приликата да се заблагодарам на коодинаторот Петар Ковачевиќ, којшто беше вклучен со помош на нашите иселеници, Рубин и Славица Игески и Олга Дончева од Германија. Успеавме да добиеме 36 болнички кревети заедно со душеците и ормарите што одат со нив. Тие во најголем дел се распоредени на Одделот за инфектологија, дел има на Кардиологија и дел на Одделот за интерни болести, поточпно на Одделот за интензивна нега. Така ни стартува годината, со донација“, истакна директорот Георгијев.
Болницата очекува уште една слична донација, а душеци ќе набави и од сопствениот буџет. Со ова, вели Георгијев, делумно ќе се подобрат здравствените услуги кои ги нуди Штипската клиничка болница.
„Очекуваме многу скоро да добиеме и донација со нови болнички кревети за Одделот за детски болести, тоа е донација од друг тип којашто ќе ја обелодениме во наредниот период. И ние како Болница во Планот за јавни набавки ставивме 200 душеци со што ќе ги смениме сите душеци и кревети коишто во моментов ги имаме во болницата со цел да го подобриме квалитетот на здравствените услуги кај нас“, додава Георгијев.
Георгијев вели дека има доволно финансии и за сѐ она што е предвидено за набавка со планот за јавни набавки. Вкупниот буџет е зголемен и изнесува околу 620.000.000 денари, сума која, според Георгијев, ќе биде доволна и за набавка на апарати и за сервисирање на дел од нив, но и за исплата на вработени.
„Буџетот за оваа година ни беше даден од Фондот за здравство, направена е проекцијата, нивниот дел е околу 560.000.000 денари и уште околу 60.000.000 денари коишто ги планираме како сопствени средства да ги собереме. Вкупно околу 620.000.000 денари е. Фондот при крајот на годината ни помогна со дополнителни средства, околу 35.000.000 денари, коишто ги искористивме за враќање на доспеани долгови, успеавме да ги покриеме, дел имавме и кон ЕВН. Со тие средства и овие што ги покачија оваа година отприлика го имаме она што го баравме на крајот на 2022 година“, додава Георгијев.
Во однос на долгот кој го расчисти Клиничката болница – Штип, станува збор за неподмирени сметки наталожени во претходните две години, за периодот кога траеше корона-кризата.
Ребека Спасова М-Нет