
Факултетот за медицински науки и оваа година е прв избор кај идните студенти на УГД, кои својот живот сакаат да го посветат на медицината, а својата иднина ја гледаат во здравствениот сектор. Проректорот Коцевски дециден дека интересот на студентите кон медицинските наука е секогаш најголем.
,,Најголем интерес има за факултетот за медицински науки. Тоа е некако стандардно со години наназад“, соопшти Коцевски
Кандидатите велат дека пред сѐ, медицината бара многу учење и труд, но токму желбата да се помогне и да се спаси човечки живот е тоа што ги мотивира да го одберат овој факултет.
Проректорот Коцевски констатира дека оваа година и интересот за јазик и општествените науки
повторно е во тренд.
,,Оваа година повторно гледаме тренд дека се враќа интересот кон општествените науки. Имаме навистина интерес за македонски јазик и литература и еве би им напоменал дека тоа се целосно субвенционирани студии од страна на државата, како нешто што е од национален интерес и од национално значење “, додаде Коцевски
Покрај медицината, интерес кај идните студенти на УГД во Штип има и за општествените науки и јазиците, бидејќи нудат различни можности за работа и простор за креативно изразување.
Идните студенти за УГД во Штип велат дека се одлучиле поради добрите искуства што ги слушнале од другари и познаници. Како предност ја посочуваат и близината до дома, особено за студентите од источниот дел на Македонија. Велат дека Универзитетот нуди добри услови, квалитетна настава и различни можности за понатамошен развој.
За многумина, изборот е веќе направен, а пред идните студенти има ново поглавје, исполнето со учење, нови искуства и студентски предизвици.
Ева Тушевска, М-Нет