
„Да постиш, не значи да не се храниш здраво“ – велат лекарите за велигденскиот пост. Она што е му е потребно на организмот може да се најде и во растителните производи, велат лекарите, а не само во оние од животинско потекло, кои не се консумираат во овој најригорозен пост по црковните канони.
„Зеленчукот, од една страна, овошјето, меѓутоа има и замена. Значи, она што го има во млечните производи, знаеме дека на пазарот има многу замени, млеко од соја, оризово млеко, бадемовото, замена на сирењето и на другите млечни продукти го има во тофу сирењето, коешто е направено од соја, тука се јаткастите плодови. На тој начин ќе ја добијат онаа енергетска, калориска вредност којашто е потребна“, вели д-р Митрова.
Постите, според лекарите, имаат и медицинско оправдување и тие ги препорачуваат, бидејќи претставуваат еден вид детокс на организмот. Сепак, кај одредени групи граѓани постот воопшто не е препорачлив, а особено треба да внимаваат оние кои имаат здравствени проблеми.
„Оние што имаат здравствени проблеми, меѓутоа се решени да постат, секако, пред сѐ не треба да ја прекинат терапијата којашто им е ординирана од специјалистите. Знаеме дека старите и болните лица и трудниците не се препорачува да постат, затоа што им е потребна една балансирана и правилна исхрана“, вели д-р Митрова.
Периодот пред постот иако треба да вклучува подготовка, сепак организмот нема да добие толкав шок кога ќе започне постот. Затоа, пак, вели д-р Митрова, важно е прилагодувањето по завршување на постот, кога луѓето и барале лекарска помош поради прејадување, панкреатит, воспалување на жолчката и слично.„Храната треба да биде лек, а не лекот храна“, е девизата која ја посочува д-р Митрова. Клучот е во балансираната храна и за време на постот и по завршувањето на истиот.
Лаура Стојанова М-Нет