
По повеќе од две децении, конечно се создадоа услови за долгорочно решавање на еден од проблемите со кои со години се соочуваат жителите на улицата „Борис Кидрич“ во Штип.
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, преку објава на социјалните мрежи информира дека започнатите активности на терен се насочени кон трајно надминување на честите дефекти на водоводната мрежа на оваа улица.
Според Арсовски, проблемот со години ги засегал и граѓаните и самото претпријатие, а неговото решавање сега се реализира со конкретна работа, знаење и посветеност.
„За само 14 работни дена, во екстремно топли и тешки услови за работа, овие тивки, вредни и посветени професионалци и на најголемите критичари им докажаа дека кога се работи посветено се решаваат и најтешките задачи“, наведува Арсовски.
Со реализацијата на активностите, како што посочува директорот, се решава проблем кој со децении им создавал непријатности на граѓаните, но истовремено предизвикувал и дополнителни и непотребни трошоци за претпријатието.
Од ЈП „Исар“ порачуваат дека сложеноста на проблемите не смее да биде причина за нивно одложување, туку мотив за изнаоѓање конкретни решенија.
„Сложеноста и бегањето од решавањето на проблемите не се изговор, тоа е наша задача“, порача Арсовски, упатувајќи благодарност до вработените кои, како што вели, не бараат изговори, туку решенија.