
Гардероба, тутун, цигари се дел од најчестите шверцови во државата, вели директорот на Царинската управа, Стефан Богоев. Тој посочува дека во следниот период ќе се утврди и завршната статистика за годинава, што ќе ги покаже точните податоци, но потенцира дека тимовите на Царина имаат зголемување во бројките на заплени и откривачката дејност.
„Гардеробата, да кажеме, е една од тие работи, прекурсори за производство на дроги, исто така имавме сериозна заплена минатата недела, што на крајот се испостави дека е дел и од една посериозна мрежа којашто имало и лабораторија на територија на државата, така што успеавме и тоа да го разбиеме. Честопати се случува да имаме и заплени во делот на нафта и нафтени деривати, знаете дека традиционално на Балканот тутунот, цигарите секогаш се предмет на работа“, вели Богоев.
Богоев додава дека еден од начините за справувањето со криминалот и корупцијата е дигитализацијата во однос на која, според него, македонската Царина е прилично напред. Тој посочува дека следната година очекува уште посериозна дејност со екипирањето на тимот во Секторот за посебни истражни мерки и ставањето во функција на технологијата за тонско снимање и физичко следење.
„Очекувам некаде рана пролет да почне и имплементацијата на паметните камери коишто заедно со софтверот на препознавање регистарски таблички ќе се постават на сите гранични премини. Дополнително, очекуваме на ГП „Табановце“ и, најверојатно, на уште еден граничен премин да се постават и телесни камери коишто ќе ги обезбедиме за царинските службеници да ги носат. Сметам дека овие работи, навистина, ќе ни помогнат во зголемувањето на приходите и борба против криминалот и корупцијата“, додава Богоев.
Во оваа насока Богоев ги спомена и беспилотните летала т.е. дроновите, кои беа презентирани пред неколку дена, а овозможуваат поголема видливост како во текот на денот, така и во текот на ноќта, а има можност и за фотографирање од далечина со висока резолуција. Ова дополнително е во корист на вршењето специјални задачи поврзани со откривање на организираниот криминал и корупцијата, заклучува Богоев.
Ребека Спасова М-Нет