Богоев од Штип: Товарно возило измерено на српска страна нема да се мери и на македонска

Товарно моторно возило измерено на српска страна нема да мора повторно да се мери и на македонска страна. Ова е тенденција која се очекува за еден месец да почне да функционира на царинската управа. Директорот, Стефан Богоев денеска од Штип посочи дека ќе се потпише договор со српската царина и на тој начин ќе се намали трошокот на пари и време на домашните компании со што ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот.

„Западен Балкан дава резултат домашните компании да ги направи поконкурентни на меѓународни пазари со тоа што ќе им го скрати трошокот, временски и финансиски. Очекувам дополнително да се унапредува. Најавувам некаде во наредните месец дена и потпишување на договор со српската царинска управа во делот на таканаречените кантарски белешки. Тоа значи дека еден превозник своето товарно моторно возило ако го измери на српска страна нема да има потреба да се мери повторно на македонска страна и обратно.“ – вели Богоев.

На почетокот на наредната година се очекува да бидат зголемени активности за едно застанување на границата со Косово, идентично како на Ќафасан со Албанија и на Табановце со Србија.

„На почетокот на следнава година очекувам интевизирање на активностите за „one stop shop“ едно застанување со Косово. Како што имаме на Ќафасан со Албанија, на Табановце со Србија сега и на Косово. Сите овие чекори очекувам да ги намалат трошоците на компаниите и времето и со тоа да бидат поконкурентни на пазарот.“ – додава Богоев.

Богоев при денешната средба на УГД Штип посочи дека успешна царинска управа значи повеќе пари за градинки, училишта, автопати, плати и пензии, како и безбедни граѓани. Приоритет посочи дека ќе биде спречувањето на криминал во државата.

Лаура Стојанова М-Нет