
На почетокот на следната година би требало да се реализираат завршните активности за доградба и официјално отворање на Граничниот премин „Клепало“, велат од Царинската управа. Интензивно во моментов работи и бугарската страна, оценува Златко Ветеровски, кој посочи дека станува збор за грант преку Програмата за помош на Европската Унија „Крос бордер“, за која заеднички аплицирале Бугарија и Македонија, а македонската страна добила околу 4,5 милиони евра.
„Очекувам дека веќе во февруари или март ќе биде објавен јавниот повик за завршување на градежните работи и реконструкција на целокупната зграда. Истовремено, и бугарската страна, бидејќи е заеднички проект преку Програмата, интензивно работи на доградба и на пристапниот пат во рамки на обезбедените пари, така што во текот на следната година треба да започнат работите за финализирање и, верувам, за пуштање во употреба“, вели Златко Ветеровски, помошник директор на Секторот за меѓународна соработка и европска интеграција, проекти и стратешко планирање.
И директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, оценува дека работите се раздвижени во последниот период. Сепак, посочува дека треба поголема волја да има и од бугарската страна. Додаде дека Граничниот премин „Клепало“ е важен од повеќе аспекти и токму затоа треба што поскоро да се дојде до завршната фаза на проектот.
„Мислам дека тука сериозно се размрдани работите во последно време, потпишувавме неодамна и договори, треба секако да има и поинтензивна волја и од другата страна, не само од оваа, и како Царинска управа и во име на државата. Како држава, навистина, сметаме дека е стратешки важно час поскоро да се отвори. Јас кога дојдов на позицијата веднаш се зафатив на таа работа и за Клепало, којшто е важен за Истокот, но и за Маркова нога, граничкиот премин. Очекувам во наредната година да има дополнително интензивирање на активностите со цел да дојдеме до финална фаза – отворање на тој граничен премин“, истакна Богоев.
Разговорите за овој граничен премин се водат речиси три децении, а отворањето ќе овозможи подобра комуникација на граѓаните од двете страни на границата, размена на идеи, развој на економијата и туризмот и можност за нови вработувања и подобрување на социо-економската положба на граѓаните.
Ребека Спасова М-Нет