
Земјотрес со локална магнитуда од 2,7 степени според Рихтер денеска попладне беше почувствуван во југоисточниот дел на Македонија.
Според информациите од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот се случил во 14 часот и 29 минути, а неговиот епицентар бил во епицентралното подрачје Делчево–Берово, на околу 122 километри југоисточно од Скопје.
Најмногу бил почувствуван во Пехчево, Берово и околината, каде што интензитетот бил III степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија ги повикуваат граѓаните кои го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот за почувствуваност, со цел да се обезбедат податоци за понатамошните сеизмолошки истражувања.
За пријавување на почувствуван земјотрес граѓаните можат да го користат прашалникот на Сеизмолошката опсерваторија или да се јават на 112.