Во тек е изградбата на одводниот канал Герен во с. Долни Балван, проектот е вреден шест милиони денари

Во тек е изградбата на одводниот канал Герен во селото Долни Балван, еден од најголемите инфраструктурни проекти во Општина Карбинци. Со овој зафат се решава долгогодишниот проблем со отпадните води и се уредува централното подрачје на населеното место. Проектот предвидува и изградба на мал плоштад, кој ќе му даде нов, урбан изглед на селото. Градоначалникот Виктор Паунов вели дека проектот вреден шест милиони денари е целосно финансиран од Владата преку Министерството за животна средина и унгарскиот кредит. Со овој проект, Карбинци го менува својот лик и станува пример за модерна и функционална општина.

,,Го реализираме еден од поголемите проекти во Општина Карбинци, се работи за проектот канализирање, уредување на одводниот канал Герен во ова населено место. Проект кој што ќе има со цел да го уреди самото место каде што се движат овие отпадни води во потегот на централното подрачје населено место Долни Балван. Но, другата цел е да го доуредиме и да го постигнеме оној урбан лик што го посакуваме во ова урбано населено место со тоа што ќе биде изграден и еден мал плоштад или едно урбано уредување покрај самиот овој одводен канал. Се работи за проект кој што го спремивме со целосно техничка документација на Општина Карбинци, одобрение за градба, како и успеавме еве да добиеме финасирање од страна на владата преку министерството за животна средина и преку оние средства од вториот повик од унгарскиот кредит кои што беше објавен пред извесно време. Проектот е со вредност од шест милиони денари и е целосно финансирање како што кажав од страна на владата. “, рече Паунов

Паунов потенцираше дека ваквите проекти се од суштинско значење за оптшината и за населението. Рече дека општината континуриано ќе продолжи да работи и да ги решава и останатите проблеми со кои се соочуваат жителите

,,Ваквите проекти се од суштинско значење за Општина Карбинци, за населението и населените места во Општина Карбинци, а ние континуриано ќе продолжиме да ги решаваме проблемите, а и да ги реализираме барањата на нашите сограѓани, затоа што секој еден проект носи дополнително обезбедување за поинакви услови за живот.”, додава Паунов

Со реализацијата на овој проект, мештаните на Долни Балван добиваат почисто и поуредено место за живеење. Општина Карбинци најавува дека ќе продолжи со вложувања во подобрување на локалната инфраструктура и животната средина. Новиот лик на селото е само почеток на пошироката визија за развој и модернизација на целата општина.

Иван Митев, М-Нет