Веќе 24 часа штипјани се без вода, Коцев вели дефектот се санира

Речиси цел ден штипјани во 21 век во време на пандемија оставени без вода. Во текот на вчерашниот ден најпрво социјалните мрежи беа преплавени со објави дека се оставени без вода речиси 24 часа. Директорот на ЈП „Исар“ Здравко Кцев вели хаварија се случи заради енормната потрошувачка на вода која викендов достигнала и до 600 литри во секунда со што дошло и до дефект на водоводната мрежа.

„Што се случи?
Хаварија. Синоќа некаде околу 18 часот приметивме дека во филтер станицата има нагло зголемена потрошувачка на вода и тоа ни беше еден сигнал дека нешто се случува. Почнавме да ја бараме каде е хаваријата и ја најдовме. Тука имаше распукнати цевки кои се стари по 50 години што значи дека ова е толку многу дотраено што веќе мора да се менува“ – кажа Коцев.

Моментално се работи на санирање на дефектот, но многу внимателно заради тоа што на тој простор има и кабли со електрична енергија. Коцев се надева дека во текот на денешниот ден водата ќе биде пуштена. Во меѓувреме граѓаните револтирани.

Коцев посочи дека станува збор за поголем дефект на главната водоводна цевка и дека ова не е прв пат да се случува овде. Претходниот пат дури дошло и до експлозија.

За трајно да се реши проблемот со вакви дефекти Коцев вели мора да дојде до комплетна реконструкција на водоводна линија со што штипјани нема да се соочуваат со проблем да останат без вода на пеколно жешки температури.

Лаура Стојанова М-Нет