Вардар го крои тимот за новата сезона во Првата лига и за европското лето!

ФОТО: ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар го крои тимот за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, но и за квалификациите во Конференциската лига на УЕФА.

Вардар одигра одлична сезона особено во пролетниот дел и сезоната ја заврши на петтото место, а го освои и Купот на Македонија откако во финалето триумфираше над Струга и така го освои Купот и обезбеди „виза“ за Европа.

Вардар на голманската позиција се засили со младиот и перспективен голман Или Зибери, кој досега ги бранеше броите на Тетекс, а со одличните настапи на Зибери, „штофарите“ станаа шампион во Трета лига – Запад и обезбедија враќање преку баражот во Втора лига.

Зибери е 20-годишен голман кој потекнува од Вардар Форино, потоа беше дел од младинските екипи на тетовска Шкендија, а последната година настапуваше за Тектес. Зибери има и неколку настапи за младинските репрезентации на Македонија.

Вардар ја продолжи соработката со интернационалецот од Сенегал, Фаустин Сенгхор за две години, а продолжена беше соработката и со хрватскиот интернационалец Мислав Матиќ.

Како што информираат од ФК Вардар, освојувачот на Купот на Македонија нема да ја продолжи соработката за следната сезона со Јасмин Мециновиќ, Николче Шаркоски, Александар Ѓурковски, Џибрил Дианеси и Михал Пинтер, за што клубот им се заблагодари за досегашната соработка, а во тек се преговори со Методија велковски и Ненад Мишковски.

На транфер листата на ФК Вардар без обештетување ќе биде голманот Филип Гачевски.

Александар Ванев, М-Нет