
Во четвртиот натпревар од финалето на плеј-офот, МЗТ Скопје Аеродром ја потврди својата доминација во македонскиот баскет, победувајќи го ТФТ со убедливи 77:53 и со вкупни 3-1 ја освои 12. титула во историјата на клубот.
Аеродромци мечот го решија уште во првото полувреме со агресивна игра и силна одбрана, поведувајќи со речиси 20 поени разлика. Војдан и Дамјан Стојановски, како и Дион Едвин, беа меѓу најзаслужните за водството. Иако ТФТ се обиде да се врати во игра, видливо им недостигаше енергија и ротација, особено по отсуството на нивниот најдобар стрелец Зек Браун.
МЗТ целосно доминираше и во скокот, а имаше и дури девет различни поентери. Финалната серија ја завршија со сигурна победа и нов шампионски пехар.
Дион Едвин заслужено беше прогласен за МВП на финалето, благодарение на константниот учинок и големиот придонес во трите победи на својот тим.
МЗТ Скопје Аеродром ја продолжува својата доминација во македонската кошарка, освојувајќи ја 12. титула.
Александар Ванев, М-Нет