Штипјанецот Михаил Маневски: Првиот меч ни е дома – ќе ја поправиме сликата пред нашите навивачи

Вардар со победа се одјави од квалификациите за Лигата на шампионите, откако со 2:3 славеше над КуПС во Финска, но поради пораз во Скопје од 0:2, македонскиот шампион не успеа да обезбеди пласман во следната рунда и се сели во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

Штипјанецот Михаил Маневски кој го носи дресот на Вардар вели дека натпреварот во Финска го одиграле добро, успеале да победат, но за жал со недоволна разлика за пласман понатаму. Маневски дополни дека сега фокусот го насочуваат кон предизвикот со Рига во второто квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА.

„Натпреварот во Финска го одигравме добро. Успеавме да победиме, но за жал со недоволна разлика да одиме понатаму. Во текот на мечот се држевме добро, но во продолжението на виделина излезе оној плус што КуПС го имаше уште пред овој двомеч — тоа е што е во натпреварувачки ритам. Сега ги продолжуваме европските настапи во Конференциската лига, каде следи двомеч со летонска Рига. Ќе го дадеме најдоброто од себе, првиот меч ни е дома и ќе се бориме да ја поправиме сликата пред нашите навивачи”, вели Маневски.

Првиот меч Вардар против Рига ќе го одигра на 23 јули во Скопје, а реваншот е закажан за 30 јули во Летонија.

Александар Ванев, М-Нет