Штип беше центар на пеливанството: Околу 70 натпреварувачи од неколку држави дел од „Трофеј Штип“

Вчера градот под Исарот беше домаќин на второто издание од меѓународниот турнир во пеливанство „Трофеј Штип“ на кои учество земаа околу 70 натпреварувачи.

На второто издание на „Трофеј Штип“ покрај домашните натпреварувачи од Македонија, настапија и натпреварувачи од Турција, Молдавија, Србија, Бугарија и Косово.

Според пласманот во петта рака најдобар беше Суат Лимани, во четврта рака победник беше Музафер Назим од Турција, во трета рака победник беше Арсим Бекири, а пак во втора рака најдобар беше штипјанецот Дејан Митров, а во прва рака победник беше Реџеп Хајдари.

Од Штип медали освоија Сашко Арсов и Стефан Стојков бронза, а Стојанче Стојков сребро. Филип Тодоров и Тоше Ѓоргиев забележаа добар настап, но во силна конкуренција останаа без медал. Од пионерите победа забележа Марко Јорданов.

И годинава имаше голем интерес за „Трофеј Штип“, а притоа овој меѓународен турнир е одлична можност за промоција на овој спорт, за што веќе се буди голем интерес кај младите за пеливанството, но и кај самата публика која сака да следи вакви спортски настани.

Александар Ванев, М-Нет