
Од оваа година пинг-понгот како спорт стана дел од спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“ во Штип, манифестација која се организира од Сојузот на училишен спорт, а во соработка со општина Штип.
Денес се одиграа натпреварит во пинг-понг во салата при СОУ „Димитар Мирасчиев“, а учество земаа 50 ученици од основните и средните училишта.
„Денеска сме во салата на СОУ „Димитар Мирасчиев“ каде што продолжуваме со „пролетните денови на училишниот спорт“. Денеска на програмата од спорт е пинг-понгот каде се застапени учениците од основните и средните училишта“, истакна претседателот на сојузот на училишен спорт, Зоран Арсов.
Како што вели Тоше Ристов, кој е раководител на одделение за јавни дејности, во чие одделение е програмата за спорт, целта на „Пролетните денови на училишниот спорт“ е да се вклучат што повеќе деца во спортот.
„Пролетните денови на училишниот спорт е дел од програмата на општина Штип во областа на спортот. Оваа година за првпат како дел од таа програмата го вклучивме пинг-понгот, покрај другите спортови како што се одбојка, фудбал, шах и другите спортови. Целта на програмата е да ги вклучиме што повеќе деца од основните и средните училишта, да го омасовуваме спортот и да го промовираме. На денешниот настан се вклучени односно пријавени околу 50 ученици од сите основни и средни училишта“, вели Тоше Ристов, раководител на одделение за јавни дејности при општина Штип.
Според Ристов, преку оваа манифестација се промовира и спортот кај децата, а со тоа се буди и интересот кај младите за спортување.
„Целта е да ја зголемиме масовноста, да го промовираме спортот, да го зголемиме интересот на децата кон спортот, дали тоа ќе биде конкретно за пинг-понг или било кој друг спорт. Целта е децата да бидат вклучени што повеќе во спортот“, дополни Ристов.
Според професорот Сашко Богатинов, вели дека масовноста е голема, дополнува дека преку квантитет ќе се дојде и до квалитет.
„Овој прекрасен настан е збогатен со голем број на дечиња. 32 ученици од средните училишта и 24 од основните училишта. Масовноста е голема, ние како град на спортот еве и во овој проект на „Пролетни денови на училишниот спорт“ го промовираме овој спорт благодарение на локалната самоуправа и Сојузот на училишен спорт на град Штип и масовноста преку квантитет да дојдеме до квалитет. Штип е пингпонкарски град со големи резултати, се надеваме дека од овие дечиња ќе произлезе некој голем талент и ќе дојде во нашиот клуб да твори и да работи“, вели професорот Сашко Богатинов.
Оваа година по третпат се одржува спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, а годинава вклучени се и нови спортови како пинг-понг, шах, велосипедизам и планинарење.
Александар Ванев, М-Нет