Никако да започне вакцинацијата против овчата сипаница, болеста се шири и на западниот дел, сточарите во паника

Никако да започне ветената вакцинација против овчата сипаница во државата, болеста продолжува да се шири, нови жаришта се регистрираат и во северозападниот дел на државата. Иако беше ветено дека вакцините ќе пристигнат за една седмица, сточарите од истокот велат дека и десет дена подоцна на терен се уште нема ништо. Стравот од нови загуби е голем, а сточарите велат дека вакцините се неопходни за да се заштити добитокот и да се спречи понатамошното ширење на болеста. Во спротивно, како што велат и самите, подобро и нив да ги нема, бидејќи немаат од што друго да живеат.

,,Викат ќе ги вакцинират, но се уште нема ништо. Рекоа дека е одобрено и ќе има вакцини за вакцинација, нема. Бог да чува ние овде во нашето бачило такво нешто немаме. Малку имаме ние 60 грла. Досега нема ништо, па од сега не знам. Стално се слушам со докторите. Велат и тие дека е добро, но вакцини се уште нема, а треба да се вакцинират. Македонска Каменица таму тие селата, доста бачила се уништија и Виница слушам. Тука кај нас во едно село Разловци и таму едно бачило е уништено. Не да биде тешко, поарно и нас да не носат. Кога стоката ја носат и нас треба. Што ќе правиме ние без стока.“, вели Стоjановски

Од Асоцијацијата на одгледувачи на овци велат дека доцнењето со вакцинацијата е загрижувачко, бидејќи болеста продолжува да се шири. Претседателот Насер Џемаили предупредува дека нови жаришта веќе има и во Тетовско и Гостиварско

„Вакцинацијата е одобрена, но сè уште не е започната на терен. Иако ни беше ветено дека ќе започне во рок од една седмица, вакцинацијата сè уште не е спроведена. Загрижувачки е тоа што бројот на заболени расте, а нови жаришта веќе се регистрирани и во Тетовско и Гостиварско“, вели Џемаили.

Сточарите се уште чекаат вакцини, а болеста продолжува да се шири. Истите беа најавени претходната седмица, кога ЕУ даде зелено светло за вакцинација и во Македонија. Дополнително беше истакнато дека ќе продолжи и извозот на јагнешко месо. Сега сточарите велат дека најважно вакцините што побгу да пристигнат, за да не останат без добитокот.

Иван Митев, М-Нет