Работнички и Македоија ЃП се преселија во Втора лига, неизвесно и натаму за директен опстанок во Прва лига

31-то коло на Првата македонска фудбалска лига им пресуди на два поранешни шампиони, кои од следната сезона ќе играат во Втората македонска фудбалска лига.

Работнички и Македонија ЃП се нови второлигаши, откако вчера „романтичарите“ одиграа 2:2 против Брера во Струмица, а пак „лавовите“ беа декласирани со 1:4 од Тиквеш.

Покрај овие две екипи од елитата одамна е испаднат Шкупи, кој со 7:0 беше декласиран од Пелистер во Битола.

Вардар веќе во следното коло може да стане шампион во Прва лига, откако во рамки на 31. коло на домашен терен со 2:1 го доби Силекс, додека пак Шкендија со 3:1 го доби дербито во Тетово со Струга Трим Лум.

Арсими и Башкими ги поделија бодовите откако одиграа 1:1, па и натаму не се сигурени за директен опстанок во елитата на две кола до крајот.

Вардар е лидер со 77 бодови шест повеќе од Шкендија која е втора, а пак Струга е трета со 62 бодови на своето конто. Силекс сигурно ќе заврши на четвртото место, а сега има 53 бодови, Тиквеш го избори опстанокот на две кола до крајот тимот од Кавадарци е петти со 44 бодови.

Башкими со 41 бод е шести, а Арсими е седми со 40 бодови, па двете екипи до крај ќе бараат бодови за директен опстанок. Брера е во бараж зоната како осма со 37 бодови, до крајот струмичани имаат реални шанси и за директен опстанок, а пак Пелистер е деветти со 36 бодови и со шанси и за директен опстанок, но за тоа ќе треба да се освојат шестте бодови до крај, а Арсими да ги загуби или пак на еден меч да загуби, а на еден да одигра икс.

Македонија ЃП и Работнички со по 30 бодови се во црвената зона и веќе се преселија во ранг подолу, а пак Шкупи е на дното со само еден бод и единствен тим кој нема триумф.

Александар Ванев, М-Нет