СДСМ Карбинци: Паунов сака ја покачи ѓубрарината за 50% Паунов: СДСМ манипулира

„Шверцерско“ покачување на ѓубрарината се обидува да направи градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, обвинуваат од ОО на СДСМ во Карбинци. Според нив, точката на седницата била дополнително додадена, а потоа експресно симната од дневен ред. Станува збор за покачување на ѓубрарината од 50%.

„Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, во паника фатен во обид на „шверцерски“ начин да изврши покачување на цената за ѓубрарина. На вчерашната седница на Советот на Општина Карбинци спротивно на Законот за комунални дејности и Законот за отпад, локалната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ на незаконски начин сомо со еден лист хартија без никакво образложение, како дополнителна точка на седницата достави Одлука со која требаше да се зголеми цената на ѓубрарината за 50% за жителите на општина Карбинци. По реакција и укажување на советниците од редовите на СДСМ, оваа одлука беше експресно симната од дневен ред. Жителите на Карбинци барем за некој период може да бидат мирни и спокојни, бидејќи сметките за ѓубрарина ќе ги плаќаат по стара цена.“ – стои во писменото соопштение на СДСМ Карбинци.

Градоначалникот, Виктор Паунов, пак, вели дека ова е уште еден обид за манипулација. Таква одлука Советот нема донесено, а СДСМ вака се обидува да си ги прикрие своите криминали.

„Повторно манипулација од страна на СДСМ. Она што е вистина е дека таква одлука нема донесено Советот на Општина Карбинци. Грубо се обидуваат да манипулираат и да ги сокријат оние недостатоци коишто ги имаат како советничка група и како партија. Јавноста секогаш ќе биде запознаена од страна на Општината и од мене како функционер за сите промени. Ова е едно политиканство со коешто тие се фатени во паника поради нивните криминали, коишто почнавме да ги откриваме“, одговори Паунов.

СДСМ во прилог на обвинувањата доставија и Барање од страна на ЈП „Плачковица“, но и Одлука за усвојување на Предлогот од страна на Управниот одбор на ЈП „Плачковица“.

Ребека Спасова М-Нет