
На Факултетот за образовни науки при УГД денеска беше промовирано историското катче посветено на Гоце Делчев. Со ваквиот настан на кој беа прочитани и историски информации за Делчев, Факултетот одбележа 120 години од смртта на Делчев.
„Да ја искористиме оваа можност да посветиме повеќе внимание на неговата учителска дејност во нашиот град, во штипско Ново Село и во Штип, да го промовираме нашето историско катче коешто треба да значи промовирање на развојот на образованието и просветата во Штип и штипско почнувајќи од 19 век, па до ден-денес изразувајќи го тој образовен континуитет преку опстојувањето на нашиот Факултет за образовни науки“, истакна професорката Верица Јосимовска од ФОН.
На настанот беше потенцирана улогата на Делчев како учител и со тоа опстанокот на образовната дејност во Штип преку сите училишта и Факултетот за образовни науки како високообразовна установа која опстојува повеќе од 25 години.
Ребека Спасова М-Нет