Општина Штип одвои 100.000 денари за финансиска помош на погодените во невремето во Делчево

Со сума од 100.000 денари, Општина Штип ќе помогне на Делчево и погодените во невремето кое се случи таму. Иницијативата беше предложена од страна на советникот од Левица, Ангеле Михајловски, а изгласана од страна на советниците на денешната седница на Советот.

„Предлагам додавање на уште една точка на Дневен ред, тоа е Иницијатива во која Советот би донел Одлука за финансиска помош за општина Делчево, со оглед на последните случувања во овој град. Сведочевме преку социјалните мрежи и медиумите дека елементарна непогода е прогласена на територија на општина Делчево, бидејќи штетите се мерат во милионски суми, материјални и инфраструктурни, така што сметам дека имаме некаква јавна одговорност да придонесеме преку овој хуман гест, да им помогнеме на луѓето кои се во оваа ситуација“, истакна Михајловски.

Со Иницијативата се согласија и сите советнички групи, со што истата беше додадена како дополнителна точка.

Во Иницијативата поднесена од Михајловски беше предложена сума од 300.000 денари, но во дискусијата по однос на точката советниците се согласија за сума од 100.000 денари.

Ребека Спасова М-Нет