
Мал Ајакс од Штип ќе учествува на седмото издание на познатаиот „Драган Манце Куп“ во Србија, каде ќе се натпреваруваат 236 екипи од 13 држави, а дури 20 екипи во женска категорија, најдобра потврда за квалитетот на престижниот меѓународен натпревар за момчиња и девојчиња од Србија и странство.
Турнирот ќе се одржува во Белград, започнува веќе денес, а ќе заврши во недела.
Екипата на Мал Ајакс ќе учествува на седмото издание со генерација 2011. Штипската екипа ќе биде во група Д каде ќе се натпреварува со екипите на Институт, Сегед, Озрен и Олимпик.
Првиот натпревар штипските фудбалери го играат против Институт, во второто коло ќе се соочат со Сегед, потоа следува мечот со Озрен во рамки на третото коло, а групната фаза ќе биде комплетирана против екипата на Олимпик.
Во генерација 2011 се натпреваруваат 40 екипи кои се поделени по пет екипи во група. Најдобрите две од осумте групи ќе се пласираат во следната фаза.
Покрај награди за првопласираната, второпласираната и третопласираната екипа, предвидени се награди за најдобар стрелец, најдобар голман и најдобар играч.
Натпреварите ќе се одиграат во спортскиот центар „Партизан – Телеоптик“, а дел од натпревари ќе се пренесуваат во живо на регионалниот спортски канал „Спорт Клуб“.