
Православната македонска црква денеска го слави празникот Свети Великомаченик Ѓорги кај народот познат како Свети Ѓорги зимен. Кочанскиот храм кој го носи неговото име пак денеска го одбележува својот патрон денот кога е осветен. По тој повод голем број верници беа дел од литургијата која се служеше утринава, и си посакаа здравје, мир и многу среќа.
„Денеска Македонската православна црква го празнува споменот на светиот великомаченик Ѓорги кај народот познат како Ѓорги зимен. По тој повод на овој ден е осветен храмот посветен токму на Великомаченик Ѓорги овде во Кочани. Традиционално како и секоја година така и оваа на светата литургија беше господин Иларион. Можеше да се забележи голем број на верници кои учестуваат во соборната молитва“ – вели Арсовски.
Свети Великомаченик Георгиј Победоносец живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар Диоклецијан во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните. Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар.
Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашни, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата. Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: “Слуга сум на Христос, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христос е единствениот Бог!”.
Царот наредил Св. Георгиј да биде фрлен во затвор и бил изложен на најтешки мачења. Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа надчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се.
Лаура Стојанова М-Нет