
Обилните врнежи од дожд кои изминатиов период ја зафатија државата отвораат низа прашања. Колку општините се подготвени да се справат со истите и што доколку се причини материјална штета на граѓаните. Во Општина Штип освен паднати дрвја поголеми штети не се регистрирани, но првиот човек, Иван Јорданов истакна дека има формирано комисија која одредува штета и општина излегува во помош на оштетените граѓани.
„Имаме формирано комисија за штети која излегува на лице место, врши проценка и утврдува одредена штета која е направена. Согласно тоа се врши надоместок на нашите сограѓани кои имаат претрпено штета на својот имот зависно од ситуацијата и зависно од проценката која комисијата ја утврдува така Општина Штип ја надоместува штетата“ – кажа Јорданов.
На прашањето колку општина Штип е подготвена да се справи со последиците од ваквите поројни дождови, односно дали се чисти атмосферските канали и решетки, директорот на ЈП Стипион Игор Ефтимов истакна дека во изминатите два месеци интезивно се работи и нема застој.
„Последнивме два месеци имавме една специјална екипа која беше задолжена за чистење на атмосферските канали и решетки и можам да кажам дека 99% од нив се чисти. Навистина најдовме многу ѓубре, градежен шут и затоа би апелирал до граѓаните да не фрлаат ѓубре во каналите и атмосферските решетки“ – додаде Ефтимов.
Во изминатиов период Општина Штип не беше во редот општини кои беа драстично погодени од временски услови, односно немаше некои поголеми материјални штети врз имот на граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет