Поплавени ли се подрумските простории на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип?

Повеќе од недела дена е раскопан просторот кај Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Според информации на М-Нет телевизија станува збор за поплава во подрумските простории на установата, а надлежните веќе десетина дена се обидуваат да го надминат проблемот. Екипи на јавните претпријатија во општината со целосна механизација работеа на пронаоѓање на атмосферска шахта која го создавала целиот проблем. Граѓаните реагираа до нашата редакција дека по ископувањето на паркинг просторот пред Здравствениот дом се појавиле и фекалии. Директорот на ЈП Стипион, Игор Ефтимов истакна дека конечно проблемот е пронајден и се работи на негово решавање.

„Последната недела дена вработените во ЈП Стипион работат на еден проблем кој се појави со атмосферските шахти во близината на Здравствениот дом во Штип. Се работи на проблем кој верувајте 50 – 60 години е стра, бидејќи несистемски на времето кога биле асфалтирани улиците биле затрупани и атмосферските шахти и решетки кои се наоѓале таму. Ние сме многу блиску до решавање на проблемот“ – кажа Ефтимов.

Ефтимов не ја исклучува можноста ваков проблем да се појави и на друга локација во градот, но како што потенцираше тоа се должи на несистемското работење во минатото, па сега парите на граѓаните се трошат за вакви проблеми.

Каква е ситуацијата внатре во Здравствениот дом, дали поплавите причини штета и колкава е истата ја прашавме директорката на установата Снежана Трајковска. Во смс порака за М-Нет телевизија Трајковска истакна дека имале дефект, но не и поплава. На санација на проблемот работат ЈП Стипион и ЈП Исар, додаде таа.

Лаура Стојанова М-Нет