Ако цените на производите се покачат, според анкетираните штипјани ќе се јаде еднаш дневно

Уште еден ден замрзнати цени на основните производи за живот. Од среда престанува да важи шестмесечната владина мерка со која беа замрзнати цените на лебот, маслото за јадење, шеќерот, брашното, млекото и месото. Со одмрзнувањето на цените се очекува истите да пораснат. Според поголем дел од анкетираните граѓани во Штип ова ќе значи нов удар по нивниот џеб, бидејќи со сегашните примања тешко дека ќе може да си дозволат да си купат сѐ што е неопходно. Со други зборови велат наместо три пати ќе јадат по еднаш. Друг дел од анкетираните пак велат граѓаните ако немаат средства за основните производи за живот не мора да возат автомобил.

„Ако треба да јадеме трипати, ќе јадеме еднаш. Како може да се донесуваат одлуки кои не се во ред. Можеш ли на човек што е гладен и тој леб да му го земеш. Тоа е трагедија“

„Сѐ е скапо, а 12 илјади пензија земаме, како ќе го поминеме месецот. Лошо е, нема живот. Лекарствата се пет илјади, а каде е струја, вода, парно, не можеме да поминеме од први до први месецот“

„Струја, јадење, вода, јас не знам што мислат со луѓето. Па треба да се преземат мерки, ние зошто сме ги бирале“

„Едениот работе 18 илјади и сопругата 18 илјади еве ви 36.000, па кола не мора да возам“

Според анкетираните граѓани високите цени на производите се главна причина поради која младите ја напуштаат државата и бараат егзистенција надвор од границите на нашата држава. Треба велат вниманието да биде ставено на обичниот граѓанин за да може со сегашните примања да се опстои во нашата земја.

Лаура Стојанова М-Нет