
Ракометарките на Астибо стигнаа до своето второ сезонско славје, откако на гостински терен триумфираа над Спартак со резултат од 24:28, во рамки на 8. коло на Суперлигата.
Натпреварот започна со игра гол за гол без да може ниту домаќинот, ниту гостинот да се одлепат резултатски, а на полувреме резултатот беше 12:12.
Сепак како што велат од штипскиот клуб имале голем притисок во текот на целиот натпревар, но и покрај таквиот притисок во второто полувреме Астибо започна да граде резултатска предност која се движеше од два до три гола. Во 56. минута од средбата најголемата предност за Астибо беше 21:26, а на крај штипските ракометарки славеа тешка, но голема победа од 24:28.
Најдобар стрелец за Астибо беше новото засилување Ксавиер со десет погодоци, а пак Анчева имаше пет реализации. За домашниот тим Андовска имаше осум гола.
Астибо сега се израмни со Куманово на петтото место на табелата со пет бодови, а токму во следното коло овие две екипи ќе се соочат во Штип, а пак Спартак останува и натмау на дното како единствен тим без триумф со два бодови, а во следното коло ќе игра против апсолутниот фаворит Металург Автокоманда.
Александар Ванев, М-Нет