Oд денес камерите на улиците ќе регистрираат прекршоци, декември само опомени, казни од јануари

Од денеска камерите на главните сообраќајници од системот Безбеден град“ ќе почнат со регистрирање на прекршоци. Системот автоматски ќе го регистрира прекршокот и ќе испрати известување до возачот. Овој месец, односно до крајот на годината ќе стигнуваат само опомени, а со казнување ќе се почне од јануари 2026 година. Камерите ќе детектираат многу прекршоци, меѓу кои и брзо возење, поминување на жолто или црвено светло, неправилно престојување, нерегистрирано возило како и непрописно паркирани возила.

,,Сторителите на прекршоци кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град ќе бидат санкционирани согласно одредба која ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, односно нема да има толеранција без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место.

Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како: управување на возило со брзина поголема дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.

За прекршоците кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок, МВР му доставува СМС порака на мобилен телефон и на електронска адреса (податоци кои сопственикот на возилото ги дал при регистрација на истото) со линк за преземање на Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог“, велат од МВР

Граѓаните на терен го поздравуваат овој чекор на МВР со кој како што велат ќе нема несакани последици од една страна и ќе се воспостави сообраќајна култура од друга страна

Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка.

Иван Митев, М-Нет